Солскјер призна дека направил кобна грешка во поразот од ПСЖ

Манчестер јунајтед и со девет поени по пет одиграни кола не е сигурен дека ќе влезе во нокаут фазата од Лигата на шампиони. Црвените ѓаволи вечерва загубија насвој терен од Пари Сен Жермен со 3:1. На англискиот тим доволно му беше да освои бод за да биде во Топ 16 фазата, но францускиот првак се радуваше на „Олд Трафорд“.

Потребниот бод Манчестер го имаше се до 69 минута, а потоа за само неколку секунди се случија две кобни работи за домаќините. Најпрво Маркињос даде гол за водство на ПСЖ од 2:1, а само неколку секунди откако Манчестер тргна од центарот, Фред заработи црвен картон.

Напаѓачот на Манчестер јунајтед во првото полувреме направи непромислен потег за кој среќно заработи само жолт картон, но судијата не му прости во вториот дел. Тренерот на Црвените ѓаволи, Оле Гунар Солскјер призна дека можеби требало да го извади Фред од игра на полувремето, затоа што откако доби црвен картон, Манчестер беше инфериорен на теренот и немаше шанси да стигне до второ израмнување.

„Мислам дека Фред имаше среќа што остана во игра во првото полувреме, но вториот жолт картон дојде од никаде. Андер Ерера добро знае дека немаше фаул, а не па за жолт картон. Сепак, можеби требаше да го извадам Фред на полувремето и да не дозволам да се случи да биде исклучен“, вели Солскјер.

Манчестер јунајтед во последното коло ќе гостува кај Лајпциг и англискиот гигант мора да остане непоразен на тоа гостување, ако сака да биде на позиција која води во нокаут фазата од Лигата на шампиони.

 

- Оглас -

Најнови вести