ПСЖ приреди „пекол“ за Црвените ѓаволи на „Олд Трафорд“

Пари Сен Жермен победи на „Олд Трафорд“ со 2:1 против Манчестер јунајтед и сега е во пол-позиција за пласман во осминафиналето во групата Х. По пет кола, Манчестер, ПСЖ и Лајпциг имаат по девет бода, но францускиот првак во последното коло на свој терен игра против Башакшехир и сигурно нема да дозволи да прокоцка таква можност за обезбедување место во следната фаза.

Нејмар погоди во шестата минута за водство на ПСЖ, а Рашфорд израмни во 32-рата минута. Во второто полувреме Маркињос во 69-тата минута повторно ги доведе гостите во водство, а Нејмар со вториот погодок на мечот, ја потврди победата на Светците.

Борусија Дортмунд одигра 1:1 на свој терен со Лацио, но и тоа беше доволно за германскиот тим да биде сигурен патник во Лигата на шампионите. Милионерите имаат 10 бода и тоа е доволно ако се знае дека во последното коло Лацио и Бриж во меѓусебен дуел ќе решат за вториот патник во нокаут-системот.

Барселона уште во првото полувреме ги реши сите дилеми на гостувањето кај Ференцварош. Каталонскиот гигант уште во првите 30 минути даде три гола и јасно беше дека гостите ќе го задржат стоотстотниот учинок во групната фаза. Гриезман даде гол со петица, а погодокот на Брајтвајт беше потсетување на популарната тика-така затоа што пред реализацијата имаше дури 33 додавања на гостите. 

И Јувентус немаше проблеми и стигна до нови три бода против Динамо Киев, а во листата на стрелците се запишуваа Кјеза, Роналдо и Мората. Челзи си го обезбеди првото место во групата Е откако на гостувањето кај Севилја победи убедливо со 4:0. Севилја сигурно ќе биде втора и по завршување на шестото коло.

Резултати: Борусија Д. – Лацио 1:1, Бриж – Зенит 3:0, Ференцварош – Барселона 0:3, Јувентус – Динамо Киев 3:0, Манчестер ј. – ПСЖ 1:2, Севилја – Челзи 0:4.

- Оглас -

Најнови вести