Најбогатиот клуб во светот, како што го нарекуваат премиерлигашот Њукасл, ја доби првата битка во обидот да си „позајмува фудбалери самиот на себе“. Како што е познато, Њукасл е во сопственост на кралското семејство на Саудиска Арабија, кои истовремено се сопственици и на седум клубови од лигата на нивната земја.
„Страчките“ се најдоа во проблеми откако Сандро Тонали заработи суспензија поради нелегално обложување, па сакаше да го позајми Рубен Невеш од Ал-Хилал. Од англиската ФА сметаат дека позајмувањето на фудбалери помеѓу клубови со исти сопственици е заобиколување на правилото за финансиски ферплеј, па поднесоа предлог до раководството на Премиер лигата да се донесе забрана.
Сепак, на состанокот на кој присуствуваа сите клубови коишто играат во Премиер лигата, мнозинството гласаа против овој предлог на ФА и му дозволија на Њукасл да реализира позајмици на фудбалери од екипите кои се во сопственост на кралското семејство на Саудиска Арабија.