Спалети многу се налути кога слушна како Гвардиола го фали Наполи дека е подобар од Сити

Тренерот на Наполи Лучијано Спалети изјави дека нема да наседне на „игрите“ кои се обидува да ги прави тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола. Предводникот на англискиот првак изјави дека Наполи е клубот кој игра најдобар фудбал сезонава во Европа, а токму оваа изјава го налути Спалети.

„Не сум горд поради зборовите на Гвардиола. Всушност не чувствувам ништо добро по тоа што пеп го има изјавено. Ги знам тие игри кога тренерите се обидуваат да го префрлат притисокот врз противникот. Зар навистина може да го ставиме Наполи пред Манчестер сити? Веројатно постојат причини зошто тие може да потрошат 900 милиони евра, а ние само девет. Сакаат да нè кренат во облаци, за потоа да може полесно да нè фрлат на дното“, рече Спалети.

Наполи во осминафиналето го надигра Ајнтрахт Франкфурт со вкупен резултат од 5:0 по двата меча и за прв пат во историјата ќе игра во четвртфинале од Лигата на шампиони.

Утре ќе биде ждрепката за четвртфиналните дуели од ЛШ, а освен Наполи и Сити, таму ќе учествуваат и Милан, Интер, Бенфика, Баерн Минхен, Челзи и Реал Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести