Кошаркарската репрезентација на Грција го доживеа најтешкиот пораз и најголемото понижување на годинашниот Евробаскет во полуфиналето против селекцијата на Турција. Крајниот резултат гласеше 68-94, а негативата на крај изнесуваше дури 26 поени разлика.
Никој не можеше да предвиди дека тимот на Ергин Атаман вака ќе ја „прегази“ селекцијата на Грција, но тоа се случи.
Селекторот на Грција, Василис Спанулис, беше видно скршен, но, сепак, не сака да прифати дека ова е неуспех за неговата селекција.
„Честитки за Турција, одиграа подобро, ова е најлошиот натпревар што сме го одиграле, премногу изгубени топки. Нашата енергија и планот на игра беа различни. Горд сум на играчите, но сега мораме да се концентрираме на следниот голем натпревар. Тоа е најважниот меч за нас – борба за медал. Тоа и го посакувавме“, изјави Спанулис и се осврна на дефанзивните ротации, кои беа очигледно слаби.
„Веќе рековме дека планот на игра не беше добар. Примивме 20 поени на тој начин, изгубивме 20 топки, а покрај тоа им дозволивме лесни кошеви. Концентрацијата не беше добра. Ова е најлошиот меч што сме го одиграле, но добро, што е – тука е. Се насочуваме кон мечот со Финска.“
Потоа ја најави пресметката со Финска во малото финале на Евробаскет.
„Тоа е меч за медал. Тие играат со голема енергија, шутираат тројки и ние мора да бидеме подготвени“, рече Спанулис.
Следеше и едно прашање од грчки новинар, кое внесе мала нервоза.
„Не, ова не е разочарување. Не е разочарување што сме меѓу четирите најдобри тимови во Европа. Тие играа подобро, беа подобри и заслужено победија. Се согласувам дека ова е голем настан за нашата земја, но за нас е уште поголемо тоа што сме меѓу четирите најдобри селекции во Европа. Игравме против многу силен тим. Погодуваа шутеви, имаа јасна цел. Одлично ја ротираа топката, имаат добри шутери кои играат и добра одбрана. Добро излегуваа на топката, а ние не шутиравме прецизно. Поради тоа имавме огромен број изгубени топки. Покрај тоа, тие имаат и одлична хемија. Затоа се тука каде што се – сега останаа само најдобрите тимови во Европа“, заврши Спанулис.