Карлос Алкарас ќе се сретне со Тејлор Фриц во првото полуфинале на егзибицискиот тениски турнир „Шест кралеви“ во Саудиска Арабија, но тоа ќе биде само загревање за другото спектакуларно полуфинале во кое ќе се сретнат Јаник Синер и Новак Ѓоковиќ.
Синер мораше да игра и четвртфинале, во кое беше многу подобар од Стефанос Циципас, а сега оди на мегдан против најуспешниот во историјата. Последната победа на Србинот над Италијанецот беше пред две години.
„Синер ме потсетува на мене кога бев млад. Слаб е, а и стратегијата ни е слична, го удираме топчето колку што можеме посилно. Добро се движи, личи на мене од најдобрите денови“, изјави Новак.
Преноси од овој турнир има само на платформата „Нетфликс“.
Наградниот фонд на турнирот е неверојатен. Самото учество носи 1,5 милиони долари, а победникот добива дополнителни 4,5, па си оди дома побогат за 6 милиони долари, што е сума поголема отколку за освоен гранслем-турнир.