Манчестер сити го победи Сандерленд со 3-0 и дојде на само два бода зад лидерот Арсенал. Ерлинг Халанд овојпат не даде гол, а средбата ќе се памети по спектакуларната асистенција со „рабона“ на Рајан Шерки за третиот гол.
Но, потегот на денот го изведе Бруно Гимараеш од Њукасл. Бразилецот против Барнли даде гол од корнер со перфектно изведен удар од аголот. Ова е само 20-ти ваков гол во историјата на Премиер лигата. Погледнете ТУКА.
Инаку на петте меча кои се играа во Премиер лигата од 16 часот, гостинските екипи дадоа само еден гол и тоа Барнли кој од пенал во 93-та намали на 1-2 против Њукасл.
Челзи одигра само 0-0 со Борнмут, Сините трети меч по ред не успеваат да победат, а на Црешите им беше поништен гол во раната фаза од мечот.
Тотенхем ја извојува првата домашна победа од 16-ти август наваму, а во триумфот од 2-0 против Брентфорд, еден од головите беше дело на Чави Симонс за кого ова е прв гол во англискиот шампионат.
Евертон ја потврди добрата форма и дојде до четврта победа во последните пет кола, откако со 3-0 го надигра Нотингам форест.

