Во неверојатно драматичен расплет, Манчестер јунајтед ја однесе победата против Фулам, со конечни 3-2, што е трет триумф по ред во Премиер лигата за обезбедување на четвртото место на табелата.
Јунајтед поведе во 19-тата минута, кога Касемиро на асистенција на Бруно Фернандеш го совлада Лено за 1-0. На почетокот на второто полувреме, Куња ја зголеми предноста на 2-0 и се чинеше дека домаќините ќе ја забележат третата последовна победа.
Сепак, во самиот финиш се случи пресврт.
Во 84-та минута, Хари Мегвајер направи пенал над Раул Хименез, кој сам ја презеде одговорноста и од белата точка постигна гол за 2-1.
Потоа, кога судијата одлучи да додаде дури девет минути надополнување, Фулам израмни. Акцијата на гостите се разви по левата страна, топката стигна до Кевин, кој од раб на шеснаесетник испрати неодбранлив удар за 2-2.
Но, тоа беше само вовед во кулминацијата на драмата на „Олд Трафорд“. Во четвртата минута од надополнувањето, Бењамин Шешко погоди за конечни 3-2 во корист на Манчестер јунајтед.
Бруно Фернандеш успеа да го пронајде Шешко во срцето на шеснаесетникот, а тој ја смести топката во мрежата за нови три бода на Јунајтед.
Во исто време, Астон Вила на домашен терен во Бирмингем загуби од Брентфорд со 0-1. Голот што ја одлучи средбата го постигна Уатара во последните моменти од првото полувреме, откако гостите останаа со играч помалку по исклучувањето на Шаде.
Победник немаше на дуелот меѓу Нотингем Форест и Кристал Палас, кој заврши 1-1.

