Спектакуларна е последната вечер од јунската фудбалска сесија во Лигата на нациите, а настрадаа двата гиганти Италија и Англија.
Аѕурите доживеаја бродолом во Менхенгладбах со еден од највисоките порази на четирикратниот светски првак со 5:2 од Германија.
Головите за Италија ги постигнаа 18-годишниот Вилфрид Гнонто и Андреа Бастони.
Дебакл што не се памети долго време доживеа и Англија со пораз на Молињу во Вулверхемптон од Унгарија со 0:4.
Унгарците му одржаа незаборавна фудбалска лекција на Гордиот Албион, кој сега е главен кандидат за преселба во понизок ранг, во Сегментот Б од Лигата на нациите.
Салаи постигна два гола, а потоп за Англија предизвикаа и Наѓи и Газдаг со голови во финишот на мечот.
По четири кола во оваа група од Сегментот А, Унгарија е прва со 7 бода пред Германија со шест, Италија со пет и Англија со два бода.
Во четвртата група Холандија го победи Велс со 3:2 и остана на првото место со 10 бода, а Белгија славеше на гости против Полска со 1:0 и е на второто место со 7 бода.
Полјаците по четири кола имаат четири бода, а Велс е последен само со еден бод.
Резултати:
А сегмент – Германија – Италија 5:2, Англија – Унгарија 0:4, Холандија – Велс 3:2, Полска – Белгија 0:1
Б сегмент – Ерменија – Шкотска 1:4, Босна и Херцеговина – Финска 3:2, Романија – Црна Гора 0:3, Украина – Република Ирска 1:1.
Ц сегмент – Луксембург – Фарски Острови 2:2, Турција – Литванија 2:0.
Д сегмент – Молдавија – Андора 2:1, Лихтенштајн – Летонија 0:2.