Спектакуларно прво полувреме на „Енфилд“ со четири гола и „асистенции“ на двајцата голмани

Ливерпул и Реал Мадрид одиграа фантастични 45 минути постигнувајќи четири гола во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.

По првиот дел, Ливерпул и Реал Мадрид на „Енфилд“ играат 2:2, а во главната улога беа голманите на двата тима, Алисон Бекер и Тибо Куртоа, кои направија по една грешка која резултираше со голови.

Црвените поведоа уште во третата минута со одличниот гол на Дарвин Нуњес, кој на шармерски начин, со петица го матира голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа.
Токму чуварот на мрежата на Кралевите е виновник за вториот гол на Ливерпул бидејќи токму тој со несмасна реакција му асистираше на Мохамед Салах во 21-вата минута да зголеми на 2:0.

Кралевите брзо успеаја да се соземат, го презедоа поседот на топката и веќе во 21-вата минута преку Винисиус жуниор успеаја да намалат на 2:1.

Голманот на Ливерпул, Алисон Бекер, не му остана должен на колегата од спротивната страна и во 36-та минута, со лоша интервенција, му подари гол на Винисиус жуниор.
Алисон во обид да ја исфрли топката, го погоди колегата од репрезентацијата на Бразил, а одбиената топка заврши во голот.

На вториот натпревар, Наполи води со 1:0 на гостувањето кај Ајнтрахт Франкфурт.
Стрелец на голот беше Виктор Осимен во 40-тата минута. Италијанскиот тим можеше да има и поголемо водство, но Хвича Кварацхелија во 36-тата минута не реализира удар од белата точка.

- Оглас -

Најнови вести