Стефан Спировски ќе игра за Хапоел Тел Авив откако успешно ги мина медицинските прегледи и потпиша двегодишен договор со прволигашот од Израел.
Во израелските медиуми беше најавувано дека Спировски ќе потпише едногодишен договор, но двете страни се договорија за подолга соработка.
Играчот од средниот ред на македонската репрезентација го искористи престојот во Израел со националната селекција за да го договори трансферот од Ференцварош во Хапоел.
Во Унгарија мина две години, а беше стандарден член на популарниот Фради сè до повредата што го одвои на подолг период од терените. Спировски се врати со гол за Ференцварош против Пушкаш Академија пред 15-тина дена, но потоа повторно не беше во составот откако му беше соопштено дека тренерот Сергеј Ребров не смета на него.