Денешниот датум ќе остане запишан во историјата на спортот во Битола, ова ќе биде ден за паметење бидејќи првпат кошаркарите на Пелистер ќе играат натпревар од групна фаза во некој европски куп, а ракометарите на Еурофарм Пелистер првпат играат против гигантот Барселона, која е најуспешен европски клуб во овој спорт со 12 титули првак на Европа.
Кошаркарскиот тим на Пелистер својот прв историски меч во ФИБА Европа купот го играат вечерва, од 19 часот, против Цедевита јуниор во Загреб. Овој хрватски тим минатата сезона, исто како и пелистерци, играше во АБА 2 лигата, а сега решија да одат чекор понапред и да се пробаат во купот на ФИБА Европа.
Тоа ќе биде само загревање за главниот настан кој веќе ја крена спортска Битола на нозе, гостувањето на Барса во салата „Боро Чурлески“. Ракометот е спорт број 1 во Битола и Каталонците го знаат тоа, трибините ќе бидат преполни, ова е прв меѓусебен дуел на овие клубови, но дали поддршката од публиката ќе биде доволна за домашниот тим да приреди големо изненадување против силната Барса, тешко е да се каже.
Според квотите во Sport Life, и кошаркарите и ракометарите на Пелистер се аутсајдери во вечерашните средби.