Спортската прогноза на Спорт Манија продолжува со третото издание, а се зголемува и базата на играчи. Прогнозерите се сè подобри, па ако во првото коло максимумот беше 10 погодоци, веќе во втората рунда имаше топ прогнозер со 11 погодени двојки.
Сотир Дренкоски е добитник на ваучер од 1.000 денари за погодени 11 двојки, а мошне блиску беше до главната награда мобилен телефон „Самсунг галакси А-6“. „Кецот“ на Џенова против Удинезе беше сигурен тип до 70-тата минута, но голот на Де Паул за 2-2 ја однесе главната награда.
Сега на ред е третото коло од Спортската прогноза, време е и за дванаесетка, а меѓу двојките што ги одбравме за вас, најатрактивен е дуелот од Премиер лигата меѓу Арсенал и Ливерпул.
Во Лондон популарните „топчии“ ќе атакуваат од сите оружја да ја прекинат црната серија од 6 меча без победа против Ливерпул. Нè очекува атрактивен меч на две мошне ефикасни екипи, а изборот е ваш и се типува на конечен исход. Арсенал ги загуби двата дерби-дуели досега, и тоа на стартот против Манчестер сити и Челзи, па сега очекува трета среќа во ново премиерлигашко дерби.
Ливерпул на своја странаја има традицијата во дуелите со „топчиите“ и има повеќе време за одмор. Избраниците на Јирген Клоп испаднаа од Лига купот и имаат цела недела за освежување пред дербито што ќе се игра во сабота, од 18.30 часот.
Третото коло од Спортската прогноза на Спорт Манија нуди уште 11 интересни дуели, плус две резерви, а двојките можете да ги најдете на следниот линк.
Типувајте, забавувајте се со Спортската прогноза и очекувајте убави добивки.