Американскиот спринтер Мајк Норман стана вториот атлетичар во историјата кој успеал во трите спринтерски индивидуални дисциплини да направи резултати достојни за почит. Ваква сестраност имаше само уште Јужноафриканецот Вејд Ван Никерк.
Норман, кој има 22 години, пред некој ден 100 метри истрча за 9,86 секунди, што е најдобар резултат оваа година. Американецот ретко трча стотка, главна дисциплина му е трката на 400 метри. Лани на СП во Доха тој беше фаворит за златото, но поради повреда, испадна во полуфиналето.
Тој може да се пофали дека 100 метри има истрчано за помалку од 10 секунди, 200 метри за помалку од 20 секунди (има 19,84) и 400 метри за помалку од 44 секунди (43,45). Ваков подвиг немаа ни легенди како Јусејн Болт, кој ги држи светските рекорди на 100 и 200 метри, како и Мајкл Џонсон, кој своевремено беше светски рекордер на 200 и 400.