Кошаркарската репрезентација на Србија е првиот финалист на Светското првенство откако во полуфиналето славеше со 95:86 против Канада.
Ова е прво финале за Србија по 2014 година кога во битката за златниот медал беше поразена од дрим-тимот на САД.
Србите во текот на сите 40 минути беа подобар тим, и на крајот сосема заслужено славеа и обезбедија пласман во финалето каде ќе играат со подобриот од мечот меѓу САД и Германија.
Во првото полувреме доминираа Србите кои предводени од Богдан Богдановиќ го добија со 52:39. Во првата четвртина беше 23:15, а со одлична игра продолжија во втората во која главните ѕвезди на Канада, Шеј Гилџес-Александер и Дилон Брук направија по три лични грешки.
Во првиот дел, Богдановиќ беше најдобар со 15 поени, Милутинов даде 11, а на спротивната страна Ар Џеј Барет даде 10 поени.
Во второто полувреме, Канаѓаните тргнаа поагресивно со серија 2:7, но српските кошаркари во финишот на четвртината ја вратија двоцифрената предност и по тројката на Маринковиќ поведоа со 75:62. Дилемите околу победникот беа решени на стартот од последната четвртина кога по поените на Давидовац, Србија поведе со 17 поени разлика (82:65). На крајот Србија славеше со 95:86.
Богдановиќ со 23 поени беше најефикасен во редовите на Србија, Добриќ и Милутинов дадоа по 16, Гудуриќ 12, а Аврамовиќ 10.
Кај Канада, Ар Џеј Барет даде 23 поени, Брукс постигна 16, а Шеј Гилџес-Александер 15 поени и имаше 10 асистенции.