11.8 C
Skopje
сабота, 20 септември 2025

Србија по стапките на Македонија и Грција, „бега“ на помал стадион за дуел против Албанија

Фудбалската репрезентација на Албанија на 11 октомври ќе гостува кај Србија во меч од квалификациите за пласман на Светско првенство 2026 година. Српската федерација одлучи овој меч да не се игра во Белград туку во Лесковац.

Како главна причина за овој дуел да не се игра во главниот град на Србија е безбедноста. Од Српската федерација веруваат дека во Лесковац има помали шанси да има некакви инциденти и, секако, да не се повтори хаосот од 2014 година.

Пред 11 години, Србија на стадионот „Рајко Митиќ“ играше против Албанија, но мечот беше прекинат откако од воздух со дрон долета знаме на провокативна содржина. Тогаш се случи хаос, на теренот втрчаа дел од домашните навивачи, а гостите одбија да го продолжат дуелот. Подоцна Албанија службено со 3:0 го доби овој неодигран натпревар.

Албанскиот портал „Панорама“ потенцира дека соседните земји на Албанија се плашат од нив и затоа натпреварите не сакаат да ги играат на најголемите стадиони. Пред Србија, од „страв“ дуелите против Албанија ги преместуваа Фудбалските федерации и на Македонија и на Грција, стои во албанските медиуми.

Во квалификациите за Светско првенство во 2018 година, Албанија во Скадар ја победи Македонија, додека возвратниот меч не се одигра во Скопје, туку во Струмица.

„Големиот страв дека на стадионот ќе дојдат премногу албански навивачи ја натера Македонската федерација дуелот против Албанија да го игра на многу помал стадион во Струмица, а не во Скопје, каде што може да собере 33.000 навивачи. И покрај промената на стадионот, Македонија одигра само 1:1 кога домаќините постигнаа гол на неколку минути пред крајот“, пишува „Панорама“.

Во текстот има потсетување дека и Грција во квалификациите за СП 2002 година решила да не игра во Атина против Албанија.

„Во 2001 година, Грција беше домаќин на Албанија во натпревар што обезбеди пласман на Светското првенство во 2002 година. Во тоа време Грција ги играше своите натпревари во Атина, на Олимпискиот стадион „Спирос Луис“, но против Албанија одлучи да игра на Крит, каде што стадионот беше многу помал од оној во Атина. Исто така, покрај капацитетот, друга причина беше фактот што трибините на стадионот се многу блиску до теренот и такво нешто можеше да предизвика притисок од навивачите да извршат притисок врз албанската репрезентација. Таа средба меѓу двата тима заврши со победа од 2:0 за Грција“, пишува албанскиот портал.

 

- Оглас -

Најнови вести