8.8 C
Skopje
недела, 9 ноември 2025

Србите се огласија и објаснија зошто мечот против Албанија нема да се игра во Белград

Европската фудбалска куќа (УЕФА) потврди дека мечот меѓу Србија и Албанија во квалификациите за пласман на Светско првенство 2026 година ќе се игра во Лесковац, а не во Белград, како што беше првично планирано.

Двете селекции се согласија мечот да се игра во Лесковац, а главна причина за промена на стадионот домаќин на овој меч е безбедноста. Од Фудбалскиот сојуз на Србија се огласија со соопштение во кое ја објаснија својата одлука.

„Со согласност на Фудбалскиот сојуз на Албанија, УЕФА одобри квалификацискиот натпревар за Светското првенство закажан за 11 октомври во 20:45 часот да се игра на стадионот „Дубочица“ во Лесковац. По натпреварот со Англија во Белград, одлуката за промена на локацијата е донесена врз основа на детална анализа на сите аспекти поврзани со организацијата на спортски настан со висок ризик, како што е претстојниот натпревар со Албанија.

Клучната причина е безбедноста. Не само за публиката, туку, пред сè, за играчите и сите други засегнати страни во натпреварот. Ваквиот натпревар носи највисоко ниво на ризик и бара целосна контрола со цел да се спречат инциденти како оние што веќе имавме можност да ги видиме на натпреварите меѓу овие два тима. Сите добро ги паметиме настаните и последиците од Белград во 2014 година.

Фудбалскиот сојуз на Србија е под посебно внимание од дисциплинските тела на ФИФА и УЕФА веќе долго време поради инциденти на трибините, што подразбира реален ризик од строги казни, вклучително и подолги суспензии. Промената на локацијата и организацијата на натпреварот во Лесковац значително го намалува ризикот од можни ексцеси и со тоа придонесува за „да се заштити угледот на српскиот фудбал и интересите на националниот тим.

Подеднакво важна причина е атмосферата на стадионот „Дубочица“ и фактот дека на сите претходни натпревари публиката во Лесковац ѝ пружи безрезервна поддршка на нашата репрезентација и навиваше од првата до последната минута. Фудбалскиот сојуз на Србија изразува благодарност до УЕФА и Фудбалскиот сојуз на Албанија за нивното разбирање и конструктивна соработка при донесувањето на оваа одлука“, се вели во соопштението на ФСС.

- Оглас -

Најнови вести