Среќа за Македонија – Барсегјан доаѓа како турист во Скопје, а новата ѕвезда на Бока јуниорс заглави во ковид-протоколите

Ерменците се во налет и се големи оптимисти за дуелот со Македонија на 2 септември, но селекторот Хоакин Капарос има и сериозни проблеми со остуство на тројца значајни играчи.

Геворг Газарјан, вториот најдобар стрелец во историјата на ерменскиот репрезентативен фудбал, е повреден и тој денеска нема да слета во Скопје бидејќи не е на списокот од 27-мина фудбалери што ги повика шпанскиот стратег Капарос.

Газарјан со 14 гола го дели второто место на вечната листа со стрелци на Ерменија заедно со легендата Јура Мовсесјан, а само зад Хенрих Мхитаријан, кој ќе игра против Македонија.

Вториот голем проблем е отсуството на ексвардарецот Тигран Барсегјан, кој денеска ќе допатува со ерменската фудбалска експедиција во нашиот главен град, но нема да игра на 2 септември поради жолти картони.

Барсегјан е стандарден во нападот на Ерменија и неговото отсуство ќе биде хендикеп за лидерот во нашата група.

Трет проблем за Капарос е што не може да смета на Норберто Бријаско, новата ѕвезда на аргентинскиот гигант Бока јуниорс. Бријаско, кој е роден во Буенос Аирес, Аргентина, и е натурализиран Ерменец, си го оствари сонот и летово потпиша за светскиот великан Бока јуниорс.

Нема да игра за Ерменците против нас поради строгите ковид-протоколи, кои го оневозможија да допатува од Јужна Америка во Европа.

Дополнителни маки за Капарос се отсуствата на дефанзивецот на шпанскиот Кадис, Вараздат Харојан, и на Корен Бајрамјан од рускиот Ростов, кои се стандардни во првиот состав на Ерменија, но нема да играат во Скопје на 2 септември.

Ерменија е лидер во Ј групата со 9 бода од три кола, пред Македонија и Германија со по шест. Во трка за место на Мундијалот во Катар се и Романија и Исланд, коишто имаат по три бода, а тотален аутсајдер е Лихтенштајн на последното место со три порази.

По мечот со Ерменија, Македонија ќе му гостува на Исланд на петти септември, а три дена подоцна повторно со Скопје ќе играме против Романија, селекција што нè победи со 3:2 во Букурешт, во овој циклус квалификации за пат на СП во Катар.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести