Новак Ѓоковиќ не успеа да ја оствари целта да освои златен медал на Олимписките игри во Токио, остана и без никаков медал, па не остана во игра за повторување на подвигот на Штефи Граф од 1988 година кога Германката во иста година ги освои четирите грен-слема, плус триумфираше на олимписки турнир.
Таткото на Новак, Срѓан, го советувал син му да не настапува во Токио, бидејќи имал напорно лето.
„Јас Новак го викам Нокс, и му пишав: Нокс, ако ти значи моето мислење, мислам дека ни случајно не треба да одиш во Токио. Патот е долг, друга временска зона, нема гледачи, повторно изолации, тоа не е Олимпијада. Те сака тато“ – му напишал Срѓан на Новак.
Одговорот бил изненадувачки за Срѓан Ѓоковиќ.
„Се разбира дека ми значи твоето мислење тато. Сакав да земам одмор од три-четири дена да осетам како ми е телото. Јас секогаш брзо се опоравувам, тоа не ми е голем проблем. Патриотизмот е силен во моето срце и глава, ме знаеш. Кога е Србија во прашање, тука кинам и не се вртам“ – му порачал Ноле на татко му пред извесно време.