Барселона е во потрага по наследникот на Роберт Левандовски, чиј договор истекува налето, иако полскиот репрезентативец изрази желба да остане во Каталонија.
Сепак, во Барселона сметаат дека тој е во поодминати години и сакаат помлад напаѓач, а желбата на навивачите е Хулијан Алварес од Атлетико Мадрид. Но, Каталонците немаат толку пари, па реална опција е Душан Влаховиќ од Јувентус, кој налето ќе биде слободен агент и ќе го добијат бесплатно.
Тоа го потврди и кондициониот тренер на репрезентацијата на Србија, Душан Илиќ, кој воедно е и добар пријател со напаѓачот.
„Верувам дека ќе оди во Барселона. Уште пред доаѓањето во Јувентус имаше преговори со Атлетико Мадрид, но се одлучи за Старата дама. Тоа беше понуда која не се одбива. Но, сега мора да ја освежи кариерата и да направи исчекор напред“, рече Илиќ.
Тој додаде дека Влаховиќ напорно се подготвува и во март ќе се врати на фудбалските терени по специфичната повреда која ја имаше и ќе биде подготвен за трансфер во Барселона.

