5.8 C
Skopje
понеделник, 3 ноември 2025

Стадионот мора да биде полн: Познати цените на билетите за дуелот против Казахстан

Македонската фудбалска репрезентација уште е во борба за пласман на Светското првенство во 2026 година. До крајот на квалификациите, Македонија ќе одигра само уште еден меч на свој терен, и тоа следниот месец против Казахстан.

На денешната седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија беше одлучено цените на влезниците да изнесуваат 300,00 денари за западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“. По 400,00 денари ќе чинат билетите за јужна трибина (блок 1, 2, 5 и 6) и северна трибина (блок 13, 14, 18, 19, 20 и 24). Најскапи се влезниците од Прва категорија, и тоа 500 денари за северна трибина (блок 21 и 23) и јужна трибина (блок 3 и 4).

Фудбалската федерација на Македонија ќе им овозможи бесплатен влез на источната трибина на младите фудбалери придружувани од своите тренери од Детската лига, фудбалските школи од регионалните лиги и сите млади категории (пионери, помлади пионери, кадети, младинци) во клубовите во системот на натпреварување на ФФМ.

Натпреварот Македонија – Казахстан од шестото коло во групата за пласман на СП 2026 ќе се одигра на 13 октомври на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

На седницата на Управионот одбор при ФФМ беа донесени уште неколку други одлуки, и тоа:

– УО на ФФМ  донесе одлука со која се утврдуваат цените на влезниците за натпреварот помеѓу  репрезентациите до 21 година на Македонија и Ерменија од квалификациите за ЕП 2027. Цена на влезница изнесува 200,00 денари.

Натпреварот Македонија – Ерменија од третото коло во групата за пласман на ЕП 2027 ќе се одигра на 10 октомври на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола.

– УО на ФФМ донесе одлука со која ги усвои Пропозициите за натпреварување во Детски фудбал за натпреварувачката 2025/26 година;

– УО на ФФМ донесе одлука за распределба на средства од солидарната шема на УЕФА за клубовите од Прва женска фудбалска лига за натпреварувачката сезона 2024/25. Клубовите, ЖФК Скопје 2014, ЖФК СС Истатов 2015, ЖФК АСС Јунајтед, ЖФК Тиверија Брера, ЖФК Речица, ЖФК Топ Гол, ЖФК Атлетико и ЖФК Каменица Саса кои се натпреваруваа во Прва ЖФЛ во ланската сезона ќе добијат по 10.500,00 евра.

– Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, ги информира членовите на Управниот одбор за актуелната состојба со изградбата на западната трибина на Градскиот стадион во Штип. Според претходно договорена динамика, конечниот рок за завршување на сите градежни работи и за техничкиот прием беше предвиден за 31 јули 2025 година. Минатата седмица стадионот го посети инспекција од УЕФА. По приемот на официјалниот извештај од претставниците на УЕФА, Управниот одбор на ФФМ ќе донесе соодветна одлука и ќе утврди кои понатамошни постапки и легитимни чекори ќе бидат преземени.

- Оглас -

Најнови вести