Стана јунак на Холандија, но во една земја го сметаат за предавник

Дензел Дамфрис е еден од играчите за кого може да се каже дека е јунак во групната фаза од Европското првенство. Холандскиот дефанзивец не само што одлично ги заврши дефанзивните работи, тој успеа да даде два гола, а имаше и една асистенција во трите меча од групната фаза.

И додека во Холандија, Дамфрис е јунак, во една мала островска земја во близина на венецуелскиот брег го сметаат за предавник. Дензел има потекло од карипскиот остров кој е дел од Кралството Холандија, а како тинејџер одигра две неофицијални меча за Аруба. Сепак, Дамфрис одбил да игра за Аруба, затоа што сонувал дека еден ден ќе го повикаат да биде дел од репрезентацијата на Холандија.

„Тогаш го прашав дали сака да остане да игра за Аруба и на официјални мечеви, но ми одговори дека ќе чека повик од Холандија. Сите му се смеевме тогаш бидејќи беше дете кој играше аматерски фудбал, но тој беше сериозен“, открива поранешниот селектор на Аруба, Џовани Франкен.

Некогашниот стратег на Аруба вели дека аверзијата кон Дензел Дамфрис се зголемувала со тоа како растела и неговата популарност.

„Аруба е горд остров и затоа веднаш сите го оценија Дензел како предавник. Колку тој стануваше попопуларен, лутината кон него растеше се повеќе. Кулминацијата е сега кога тој е на Европското првенство. Замислете како би било Де Јонг да одигра меч за Лалињата, а потоа рече дека сака да игра за Белгија. Се обидов да го разубедам, но Дензел воопшто не сакаше да слушне да игра за Аруба“, објаснува Франкен.

 

- Оглас -

Најнови вести