Статистиката покажува: И не е толку лошо за Милан што Ибрахимовиќ се повреди

Златан Ибрахимовиќ даде два гола во победата на Милан на гостувањето против Наполи, но потоа се повреди. По првичните прегледи констатирано е дека Швеѓанецот го оштетил бутниот мускул на левата нога. Популарниот Ибра ќе мора да паузира одредено време, додека за десетина дена повторно ќе оди на преглед со цел да се дознае како ќе се одвива неговото закрепнување.

Засега дефинитивно се знае дека ќе ги пропушти следните три меча, против Лил и Селтик во Лигата на Европа, односно Фиорентина во Серија А. Ибрахимовиќ сезонава даде 11 гола во 10 меча и е најзаслужен што Росонерите имаат освоено 20 бода од осум средби и се на челната позиција во првенството.

Повредата на Златан, според некои, ќе значи и проблем за Милан, но статистиката тоа не го покажува. Швеѓанецот сезонава веќе пропушти четири меча кога беше заразен со корона-вирусот, а ако се гледа целата 2020 година, Ибрахимовиќ го немаше вкупно на девет меча.

Во тие девет дуели без Ибрахимовиќ на теренот, Милан играше одлично и победи шест натпревари, трипати ремизираше, а немаат ниеден пораз. Тоа значи дека без Ибра во составот, Милан има 66,7 отсто победи, додека од 30 дуели со Златан во тимот, Росонерите имаат 19 победи, односно 63,3 отсто успешност.

Овој податок само потврдува дека Милан како целина е многу силени тоа треба да го потврди и во следниот период без првата ѕвезда во составот.

 

- Оглас -

Најнови вести