Ѕвездата на Голден Стејт вориорс, Стеф Кари, заработи незгоден удар во квадрицепсот во завршницата од натпреварот против Хјустон рокетс, поради што ќе мора да направи магнетна резонанца за прецизно да се утврди сериозноста на повредата.
На нешто повеќе од половина минута пред крајот, искусниот плејмејкер со гримаса на болка го напушти теренот и не се врати во игра.
Тренерот Стив Кер, по натпреварот изјави дека е среќен што повредата не е потешка.
„Искрено, ми олесна кога слушнав дека станува збор за квадрицепс. Многу е подобро отколку да беше зглоб или колено. Ќе почекаме да видиме дали и колку ќе паузира Стеф“, рече Кер и додаде дека, доколку Кари мора да отсуствува, ќе мора да го адаптира тимот на игра без него.
Кари натпреварот го заврши со 14 поени, што е повеќе од двојно послабо во споредба со неговите одлични партии против Јута и Портланд.
Вориорс по одличниот старт на сезоната моментно имаат биланс 10–10, а во следниот меч, на последниот ден од ноември, ќе играат против Њу Орлеанс пеликанс.

