Фудбалерот на Манчестер сити, Рахим Стерлинг, за кого наводно се интересира неговиот утрешен противник Реал Мадрид, даде интервју за мадридскиот спортски весник „АС“ и призна дека неговата ќерка навива за Ливерпул и пее песни за Мохамед Салах.
Пораснат во Лондон без татко и со сиромашна мајка на која како дете ѝ помагал во чистењето, на Стерлинг не му се предвидувала светла иднина, но фудбалот се покажа како спас за него. Сега Стерлинг е реализиран и богат човек, има два сина и ќерка, а малата Мелоди не навива за Манчестер сити.
„Таа сака да пее песни посветени на Мо Салах. Знае за ривалството на мојот тим и Ливерпул, па кога сака да ме налути, пее нивни навивачки песни. Но таков е нејзиниот карактер, и јас го имам тоа во себе“, рече Стерлинг, кој порано играше за Црвените.