29.8 C
Skopje
вторник, 9 септември 2025

Стигна првиот тренерски отказ во Премиер лигата

Нуно Еспирито Санто повеќе не е менаџер на Нотингам форест. Португалецот е отпуштен по 21 месец на чело и само три натпревари во новата сезона во Премиер лигата. Неговата позиција стана нестабилна во последните две недели откако јавно призна дека неговиот однос со сопственикот Евангелос Маринакис се влошува.

Во клубот веќе се во тек разговори за назначување наследник, а одлуката се очекува наскоро. Поранешниот менаџер на Тотенхем, Анже Постекоглу, е меѓу кандидатите. Во соопштението објавено по полноќ, Форест му се заблагодари на Нуно за неговиот придонес за време на многу успешната ера на Сити граунд и рече дека тој секогаш ќе има посебно место во историјата на клубот.

Нуно седна на клупата на Нотингам форест во декември 2023 година, по отпуштањето на Стив Купер и првата цел тогаш беше да обезбеди опстанок во Премиер лигата, во што и успеа. Минатата сезона тој го водеше клубот до седмото место, нивниот најдобар пласман од 1994/95 година. За првпат по повеќе од 30 години Нотингам се избори и за место во европските купови.

Летово Еспирито Санто доби нов тригодишен договор со Нотингам, a новата сезона ја започна со победа над Брентфорд од 3:1. Потоа следуваше реми кај Кристал палас (1:1), а непосредно пред репрезентативната пауза, Нотингам дома загуби убедливо со 0:3 од Вест хем.

Токму поразот од Вест хем, но и несогласувањата со првиот човек на клубот, беа причина за португалскиот стратег да добие отказ, што е прва тренерска смена сезонава во Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести