Стигнаа резултатите од тестирањето на Суарес во Италија

Луис Суарес е на излезна врата во Барселона и веќе некое време се шпекулира дека може да направи трансфер во Јувентус. Речиси без никаква најава, Суарес денеска со приватен лет замина од Шпанија во Италија, но не во Торино, туку во Перуџа. Што бараше Суарес токму во Перуџа?

Уругвајскиот голгетер беше на полагање околу познавањето на италијанскиот јазик. По завршувањето на тестирањето, Суарес набрзо ги дозна и резултатите кои се позитивни. Суарес доби оценка дека го познава италијанскиот јазик на ниво Б1, што е доволно за да ја продолжи процедурата околу добивање италијански пасош.

Суарес сака да добие италијански пасош за да може да го комплетира трансферот во Јувентус. Последниот ден од преодниот рок во Европа е 5 октомври, што значи дека уште околу 20 дена остануваат за Суарес да се „трка“ со времето за да добие пасош, што засега се најавува како главен проблем за реализација на трансферот.

Доколку Суарес не успее да го комплетира трансферот во Јувентус, во редовите на Старата дама може да замине Един Џеко од Рома.

 

- Оглас -

Најнови вести