Македонската кошаркарска репрезентација се спаси од брука на гостувањето во Баку кај Азербејџан, откако со многу мака славеше над Азербејџан со 78:70 во меч од четвртото коло во претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година.
Нашата селекција започна очајно и во еден дел од втората четвртина губеше со дури 18 поени разлика од противникот кој беше тотален аутсајдер. За среќа, македонските кошаркари потоа заиграа многу подобро во второто полувреме и на крајот стигнаа до четвртата победа во исто толку мечеви и се на првото место на табелата.
„Искрено, тешка победа, помалку и очекувано ако се знае дека против Ирска одиграа доста поквалитетно. Го почнавме натпреварот доста споро. И морам да признаам доста меко. Им дадовме мотиви, да знаат дека може да победат. После тоа „се стегнавме“ и го дадовме својот максимум. Ја сменивме нашата игра и стигнавме до победата. Се гледа дека сме поквалитетната екипа. Меѓутоа и на овој и на сите други натпревари мораме да влеземе максимално за да стигнеме до победата, затоа што никој нема да ни ја даде. И без оглед на тоа дали губиме или водиме 20 поени, оваа репрезентација игра до крај“ – рече веднаш по мечот Стојан Ѓуроски по победата во Баку.
Колку за споредба, пред само три месеци, Македонија на свој терен славеше против Азербејџан со 38 разлика (87:49), а сега едвај во последната четвртина стигна до очекуваниот триумф.

