Поради акумулирани жолти картони, селекторот Благоја Милевски нема да биде на клупата на Македонија за утрешниот дуел против Казахстан во Астана. Неговата работа ќе ја преземе помошник селекторот Роберт Стојановски.
Казахстан во последниот меч кој го одигра пред три дена и тоа контролен против Белорусија загуби со 4:1, но Стојановски потенцира дека нема да го потценат домаќинот.
„Ние сме дојдени да прикажеме една добра игра. За противник имаме ривал кој исклучиво го почитуваме. Не не залажува резултатот од контролниот меч против Белорусија. Ние сме подготвени да дадеме максимум и се надевам на позитивен резултат. Не би издвојувал ниту еден поединец од составот на Казахстан. Се работи за тим кој игра компактно добро на сите позиции“, вели Стојановски.
Теренот на Астана Арена е со вештачка подлога, но Стојановски потенцира дека тоа не треба да преставува проблем за нашите играчи да го дадат максимумот.
„Без разлика на каков терен се игра, ова се професионални играчи и тие се подготвени да играат на секаков терен во секакви услови и да го дадат максимуот. Играчите се исцрпени од дуелот против Белгија, но секако дека се подготвени да одиграат на високо ниво“, вели Стојановски.
„Во текот на целата година се подготвуваме за овие квалификации. Ја анализиравме играта на Казахстан во последните мечеви. Не се залажуваме дека загубија од Белорусија. Утре е сосема поинаков меч, со поинакви емоции, но ние сме подготвени“, додаде Стојановски.