Како и секое белградско дерби така и ова го одбележа еден момент по којшто ќе се памти. Тоа е погодокот кој го постигна Црвена ѕвезда за израмнување на 1-1. По еден корнер на гостите, Боаче со глава биеше, голманот на Партизан, Владимир Стојковиќ ја одбрани топката, но по сигнализација на помошниот судија, беше досуден погодок. Со тој гол, Ѕвезда израмни и стигна до бод во дербито.
Веднаш по мечот, чуварот на мрежата на Партизан бурно реагираше, дури се закани и дека поради скандалозната одлука да се признае голот, тој ќе се откаже од српскиот пасош.
„Срамно, прв пат ми е срам што сум Србин. Утре ќе се откажам од српскиот пасош. Не можам да се контролирам. Ова е срамно. Никогаш во животот не сум видел вакво нешто да се случи, посебно на дерби. Мора 300 отсто да бидеш сигурен. Тој не можеше да ја види топката од мене. Јас бев внатре и успеав да ја извадам топката. Таа треба да биде внатре со цел обем. Секоја чест на играчите на Ѕвезда, на борбеноста и на сè што покажаа, но мене прв пат ми е срам што сум член на оваа држава“, рече веднаш по дуелот голманот Стојковиќ.