Страшен двомеч за Барди – Утре почнува историската битка и за Леванте и за Атлетик Билбао

Страшен двомеч за историја го чека македонскиот репрезентативец Енис Барди, а првата битка е утре, против Атлетик Билбао на „Сан Мамеш“.

Од 21 часот на култниот стадион во Билбао ќе се игра првиот дуел од полуфиналниот двомеч во шпанскиот куп, а Барди и соиграчите можат да станат клупските херои на Леванте, односно генерацијата што прва би играла финале во историјата на клубот долга 111 години.

Историја секако ќе има, клупска за Леванте или шпанска за Атлетик Билбао, тим кој може со успех во двомечот да забележи успех за сите времиња.

Атлетик на 4 април треба да го игра ланското финале во Копа дел реј, кое беше пролонгирано поради пандемијата со корона-вирусот, а можно е ако го елиминира Леванте, да игра уште едно финале во шпанскиот куп од овој циклус и повторно во април, на 17 на ист стадион, на „Ла Картуха“ во Севилја.

Досега ниту една екипа немала таков подвиг од почетокот на ова натпреварување во 1903 година, кога во првото издание на шпанскиот куп токму Атлетик Билбао стана и прв победник со триумф од 3:2 против ФЦ Мадрид.

 

 

- Оглас -

Најнови вести