На почетокот од сезоната, Серхио Агуеро не ни можеше да претпостави дека животот нагло ќе му се промени и дека трансферот во Барселона ќе биде негов последен во кариерата.
Аргентинскиот голгетер кој една деценија блескаше во дресот на Манчестер сити, очекуваше во Барселона да продолжи со успешната кариера, но се случи нешто сосема неочекувано.
На дуелот против Алавес одигран во октомври минатата година, Агуеро се пожали на болки во градите и падна на теренот. Аргентинецот почна да се жали дека не може да дише, па веднаш реагираа и лекарите.
Агуеро беше изнесен од теренот и тоа всушност беа и последните моменти за него како професионален фудбалер.
По направените детални лекарски прегледи, одлуката беше дека голгетерот веќе нема да може да игра фудбал. Да биде уште пострашно, самиот играч откри дека не може воопшто да потрча и дека за него фудбалот е минато дури и на рекреативен план.
„Се гушам кога ќе посакам да играм фудбал. Понекогаш мислам дека не можам да истрчам ниту еден спринт. Чувствувам дека срцето едноставно не ми работи правилно“, откри Агуеро, кој има 33 години.
За разлика од Кун Агуеро, вчера се случи едно убаво враќање на фудбалот. Кристијан Ериксен, кој преживеа срцев напад на Европското првенство минатиот јуни, истрча на теренот во дресот на Брентфорд, и тоа точно на неговиот 30-ти роденден.