Струга Трим Лум ја совлада Шкендија со 2-0, во дерби меч од првата македонска фудбалска лига, на кој тетовци како домаќини играа во Струмица. Стрелци на головите беа Малески и Ибраими. После четири кола, Струга има максимални 12 бода и најавува борба за титулата.
Бесарт Ибраими е легенда на Шкендија, за шест сезони таму даде 110 гола, па затоа денеска откако им даде гол, не прославуваше бурно. Задачата на Струга беше олеснета со тоа што Цаке доби црвен картон, па Шкендија цело второ полувреме го одигра со човек помалку.
Работнички после три порази во првите три кола, конечно дојде до прва победа. Совладан е Тиквеш со 2-0, а со истиот резултат Шкупи го победи Скопје. Шкупи има 6 бода од два меча, а Пиратите од Автокоманда се на нула бодови, и на дното заедно со Победа.
Брегалница со гол на Алтипармаковски од пенал, славеше со 1-0 против Македонија Ѓорче Петров. За Лавовите, тоа е втор пораз во три одиграни меча.