Луис Суарес пред десет години требало да се пресели од Ливерпул во Реал Мадрид, но неговиот потег со гризењето на Џорџо Кјелини, ги оладило мадриѓаните, па тие се откажале, а Уругваецот потпиша за најлутиот ривал на Реал, Барселона.
Суарес сега е легенда на Барса, трети стрелец е во историјата на клубот, а малку фалело да игра за Реал.
„Пред Светското првенство во 2014 година, Реал сакаше да потпише со мене, и преговорите одеа како што треба. Планираа да го продадат Бензема во Арсенал, а да ме земат мене. Но, на Мундијалот се случи онаа моја глупост и епизодата со Кјелини и Реал малку се олади, а на терен излезе Барселона. На крајот имав две опции, ја одбрав Барса“, открива Суарес, кој го гризна Кјелини и доби суспензија, па за Барса доби право да игра неколку месеци подоцна.
Веројатно е подобро за сите што испадна вака. Бензема остана во Реал за кој даде многу голови, освои многу трофеи, и ја зеде „Златната топка“, а и Суарес освои Лига на шампиони и неколку титули во Шпанија, и даде голем број голови за Барса.