Репрезентацијата на Уругвај в петок ќе игра против Парагвај во меч од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година, а овој дуел ќе има посебно значење за Луис Суарес.
Легендарниот голгетер за последен пат ќе игра во репрезентативниот дрес, а потоа ќе се фокусира само на клупскиот фудбал, во дресот на Интер Мајами.
„Тешко ми е да го кажам ова, но тоа ќе биде последен мој настап за Уругвај. Многу размислував и анализирав. Сега е вистинско време. Имам свои причини, но тешко е, многу е тешко. Последниот дуел ќе го одиграм со ист ентузијазам како на првата средба во 2007 година, кога бев 19-годишно момче. Ќе го дадам максимумот, така сум научен. Имам 37 години и тешко дека ќе можев да стигнам до следното Светско првенство“, рече Суарес со солзи во очите.
https://twitter.com/i/status/1830747559461073373
Суарес со Уругвај играше на четири Светски првенства, и тоа во 2010, 2014, 2018 и 2022 година, а во 2011 година се радуваше на трофејот освоен на Копа Америка. Со 69 погодоци во репрезентативниот дрес тој е рекордер. Вкупно 142 меча одигра за Уругвај и единствено Диего Годин со 161 натпревар е пред Суарес на вечната листа на играчи со најмногу настапи за Уругвај.