Сите 18 екипи кои ноќеска играа во НБА лигата, ја надминаа бројката од 100 поени. Никола Јокиќ повторно беше еден од најзабележителните, откако го предводеше Денвер до нова победа, овојпат на гости кај Далас од 114:104. На Србинот малку му фалеше да стигне до нов трипл-дабл а на крајот заврши со 19 поени, 13 скока и 8 асистенции. Тоа беше доволно Денвер да ја забележи јубилејната 40 победа сезонава.
Иако сите очекуваа овој меч да биде битка на две големи балкански ѕвезди, во редовите на Далас не настапи Лука Дончиќ. Тренерот на домаќините одлучи Дончиќ да не игра бидејќи имал ситна повреда на зглобот на ногата, па подобро било сега да одмори.
Јокиќ лошо го започна мечот и имаше расправии со судиите кои за кратко време му досудија две лични грешки во напад и една техничка. Сепак, кога во второто полувреме Србинот се врати на теренот, беше незадржлив. Ако на полувремето Денвер водеше само со 52:51, на средината од последната четвртина, гостите веќе имаа убедлива предност од 88:68 и беше јасно кој ќе победи.
Резултати: Шарлот – Вашингтон 123:110, Индијана – Њу Орлеанс 126:111, Орландо – Чикаго 109:110, Торонто – Сан Антонио 120:117, Атланта – Детроит 122:125, Њујорк – Минесота 104:115, Мемфис – ЛА клиперс 106:112, Далас – Денвер 104:114, Оклахома – Јута 148:147 по две продолженија.