Минаа точно 10 години од еден од најконтроверзните фудбалски моменти што одлучија значаен меч, а судијата Мартин Хансон сè уште не може да си го прости киксот кога не виде очигледно и двојно играње со рака на Тјери Анри на дуелот меѓу Франција и Република Ирска.
Уште повеќе Швеѓанецот му е лут на еден од најдобрите напаѓачи на сите времиња за неспортскиот потег, кој не го призна веднаш на теренот.
„Ако го сретнам повторно, воопшто нема да му зборувам. Не беше фер“, вели Хансон, кој сега работи како конторолор на судиите за ФИФА.
Анри двапати играше со рака во реванш-мечот од плејофот во Париз и буквално со раката му асистираше на Вилјам Галас да го постигне израмнувачкиот гол, што на крајот се покажа одлучувачки. Реваншот заврши нерешено 1:1, а со вкупен резултат од 2:1 Франција се пласира на Мундијалот во Јужна Африка во 2010 година и испадна веднаш во првата фаза.