Судијата кој не го виде гризењето на Луис Суарес, стана тренер во Шпанија

Поранешниот фудбалски судија, Мексиканецот Марко Родригес, стана тренер откако го презеде раководењето на стручниот штаб на шпанскиот третолигаш Саламанка.

Родригес е човекот кој во 2014 година имаше чест да води два натпревари од Мундијалот во Бразил, кои подоцна станаа историски. Прво, тој делеше правда на мечот Италија – Уругвај, на кој Луис Суарес го гризна Џорџо Кјелини, а потоа го судеше и историското уништување на домаќинот Бразил од страна на Германија, во полуфиналниот меч кој Панцерите го добија со неверојатни 7-1. Марко не го виде гризењето на Суарес и не му даде црвен картон, но ФИФА ја исправи неправдата и го суспендираше Уругваецот со забрана за настап од неколку месеци.

Сега Родригес е веќе поранешен судија и реши да се испроба во тренерскиот бизнис преземајќи ја Саламанка, која игра во шпанската Сегунда дивизија, втора група. Животна желба му е да биде селектор на Мексико. Како судија има три светски првенства, а ако некогаш со својата земја учествува на СП, тоа ќе биде единствен пример во историјата некој да бил и судија и селектор на Мундијал.

- Оглас -

Најнови вести