Шпанската полиција неодамна излезе со тврдење дека причина за несреќата во која загинаа фудбалерот на Ливерпул, Диого Жота, и неговиот брат Андре Силва е пребрзото возење, но сега стигна демант од еден од сведоците, односно камионџијата кој прв пристигнал на местото на несреќата.
Тој за шпанските медиуми тврди дека е автор на видеото на кое се гледа запаленото возило, но и дека автомобилот марка „ламборџини“ воопшто не возел со таква брзина како што велат истражните органи во своите извештаи.
„Не возеа брзо. Совеста ми е чиста. Знам што видов таа ноќ. Го снимив моментот на несреќата, застанав, се обидов да помогнам… За жал, не можев ништо да направам. Сакам нивното семејство да знае дека не возеа брзо. Ја видов марката и бојата на автомобилот, совршено јасно. Тој пат е грозен, мрачен и многу опасен“, вели Хосе Азеведо за шпанските медиуми.
Според него, патот на којшто загинаа Диого и Андре е во катастрофална состојба, а тој го минува секојдневно од понеделник до петок и многу добро знае во каква состојба е, а како што вели, постојано на истото место се случуваат сообраќајни несреќи.