Новата ѕвезда на ЛА лејкерс, Ентони Дејвис, го откажа настапот на Светското првенство со најпознатото оправдување во кошарката. Веѓата летово ќе го искористи да работи на себе за да биде подготвен за новата сезона во НБА-лигата, во која со новиот тим ќе атакува на титула.
Тој се најде на списокот од 20 кошаркари и требаше да учествува на подготовките кои стартуваат на 5 август, меѓутоа Дејвис се премисли и нема да биде дел од тимот кој ќе ја брани светската титула.
Планот на Дејвис е да се врати во репрезентацијата за Олимписките игри кои ќе се одржат во 2020 година. Дејвис со САД веќе има една светска титула од 2014 година, како и златен медал од ОИ во Лондон од 2012 година.
Претходно уште една ѕвезда на НБА од слични причини се откажа од светскиот кошаркарски собир, Австралија нема да смета на Бен Симонс.
Репрезентацијата предводена од Грег Попович одбраната на светскиот трон ја започнува на 1 септември против селекцијата на Чешка, а останати противници во групата Е се уште Турција и Јапонија.
Мундобаскетот во Кина официјално стартува на 31 август, а ќе трае до 15 септември.