Светското првенство 2026 го доби и вториот учесник преку квалификациите

Репрезентацијата на Нов Зеланд по пауза од 16 години се враќа на Светските првенства, што за нив ќе биде само трето учество во историјата. Веројатно никој и не се сомневаше дека Нов Зеланд ќе заврши како најдобра селекција во квалификациите за зоната Океанија, па со право се сметаат и за најсреќна репрезентација бидејќи речиси и да не се испотија за да дојдат до пласман на планетарниот собир.

Нов Зеланд во финалето од квалификациите за Океанија славеше со 3-0 над Нова Каледонија, која со пласманот на втората позиција си обезбеди место во интерконтиненталниот бараж и ќе има можност да се бори за историски пласман на Светско првенство.

Што се однесува до Нов Зеланд, вреди да се истакне дека тие во квалификациите одиграа вкупно пет натпревари, победија на сите, со импресивна гол-разлика од 29 дадени и само еден примен гол.

На Светското првенство во 2026 година за првпат ќе учествуваат 48 репрезентации, а освен домаќините САД, Канада и Месико, пласманот преку квалификациите досега го имаат обезбедено и Јапонија и Нов Зеланд.

- Оглас -

Најнови вести