Ламин Јамал е најголемиот фудбалски тинејџерски талент во светот. Момчето кое уште нема наполнето ни 19 години, веќе се профилира во еден од клучните играчи на Барселона. Јамал дебитираше за првиот тим на Барселона на 29 април 2023 година, кога имаше само 15 години во победата над Бетис од 4:0.
Од тој меч, па досега Јамал постојано напредува и се потврдува дека е еден од најдобрите фудбалери на денешницата. Еден од оние кои најмногу веруваат во талентот и можностите на Ламин е неговиот татко Мунир Настауи. Тој вели дека неговиот син не треба да се споредува со никого и дека допрва треба да се види најдоброто од Ламин.
„Јас никогаш не сум го споредувал мојот син со никого. Знаете со кого го споредувам? Со самиот себе. Ламин нема покажано ниту 20 отсто од својата фудбалска уметност. Тоа јас ви го тврдам“, вели таткото на Јамал.
Ламин сезонава игра одлично и во 40 меча во сите натпреварувања постигна 21 гол, а има и 16 асистенции. Барселона сезонава е во трка за титулите во Примера дивисион и во Лигата на шампионите. Следниот меч Барселона ќе го игра на 4 април, и тоа во Мадрид против Атлетико.

