Таулант Џака, 33-годишниот фудбалер од Базел и брат на првата швајцарска ѕвезда Гранит Џака, кој игра за германскиот шампион Баер Леверкузен, му дал совет на својот една година помлад брат да побара изземање од средбата со Србија која треба да се игра за три дена во Лесковац.
„Му предложив на Гранит да разговара со селекторот Мурат Јакин и можеби да го прескокне овој натпревар, но сите го знаеме брат ми, тој сака да го игра секој натпревар за Швајцарија. Не е лесно да се задржи контролата 90 минути кога работите се толку емотивни. Гранит мора да остане смирен, да игра фудбал, да победува и да игнорира провокации. Лесно е да се каже тоа, но на крајот се се сведува на играњето фудбал и победата“, изјави Таулант кој е албански репрезентативец и во центарот на вниманието при инцидентот во Белград во 2014 година кога беше прекинат мечот со Србија по појавување на дрон во знаме на голема Албанија.
Гранит Џака ги полуде Србите на Светските првенства во Русија и Катар за време на победите на Швајцарија, па многумина се желни за одмазда.
Омразата на Таулант и Гранит кон Србија е поради нешто низ што пред тие да се родат, поминал нивниот татко.
Рагип Џака кога имал 23 години, бил уапсен во Приштина поради учество во демонстрации. Вели дека бил малтретиран и мачен шест месеци. По шест месеци мачењето престанало, но Рагип останал во затвор уште три години. Со интервенција на Амнести интернешнал, тој успеал да се ослободи и побегнал во Швајцарија.
Гранит, Таулант и нивната сестра Агнеса се родени во Швајцарија. Рагип на семејството му кажал само дел од она што го поминал, а поради тоа синовите секогаш имаат посебен мотив против Србија.