Тен Хаг и соиграчите во шок, за интервјуто на Роналдо дознаа кога се враќаа од Лондон

Кристијано Роналдо со интервјуто за таблоидот „Сан“, во кое удри по својот тим и тренер, Манчестер јунајтед и Ерик тен Хаг, предизвика бура и најверојатно си го потпиша отказот.

Во интервјуто со познатиот новинар Пирс Морган, Роналдо изјави дека се чувствува изневерен и предаден од Манчестер јунајтед, а бидејќи не е почитуван од тренерот, и тој не го почитува Тен Хаг.

Англиските медиуми немаат сомнежи дека искажаните тешки зборови на Роналдо на сметка на клубот и на тренерот значат разделба, а интересно е што ниту еден од неговите соиграчи не знаел за интервјуто, ниту кога го снимил, ниту кога треба да се емитува. За интервјуто дознаа додека се подготвуваа за враќање од Лондон, каде што вчера со 2:1 го совладаа Фулам без помошта на Роналдо.

Од клубот одбија да го коментираат интервјуто со образложение дека не сакаат да дозволат ништо да ја намали вредноста на победата над Фулам со која требаше да се обезбеди мир пред едномесечната пауза поради Светското првенство.

Затоа гласни беа навивачите на Манчестер јунајтед, кои го обвинија Кристијано Роналдо дека не го почитува клубот, како и дека неговото его е преголемо.

„Што порано си замине, тоа подобро. Не ни е потребен, прави циркус од клубот. Неговото его уништи сè. Срамота е на ваков начин да ја заврши кариерата“, гласат најголем дел од коментарите на навивачите на Манчестер јунајтед на социјалните мрежи.

Англиските медиуми денеска пишуваат дека Роналдо дефитивно раскрстил со Манчестер јунајтед и дека по завршување на СП во Катар, нема да се врати на „Олд Трафорд“, а се сомневаат дека намерно го дал интервјуто за да му биде експресно раскинат договорот и да може слободно да си замине. Последните информации велат дека Манчестер јунајтед ќе го казни Португалецот со еден милион фунти поради интервјуто кое предизвика многу реакции.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести