Роналдо: Манчестер јунајтед ме изневери и ме направи црна овца (Фото)

Англискиот таблоид „Сан“ во неделата вечерта ја објави насловната страница за денешниот број, на која е Кристијано Роналдо, со наслов „Јунајтед ме предаде“.

Роналдо се врати во Јунајтед во 2021 година по пауза од 12 години, но сезонава не добива многу шанси да игра. Португалецот сакаше летово да си замине од „Олд Трафорд“ поради неговата желба да игра во Лигата на шампионите, ги пропушти речиси целосните летни подготовки, а кога започна сезоната, беше седнат на клупата. Роналдо ретко добиваше шанса, а кога не играше, најчесто беше лут.

„Јунајтед ме изневери, ме направија црна овца. Се обидуваат практично да ме исфрлат од тимот. Не само менаџерот, туку сите околу клубот. Се чувствувам изневерено, како некои луѓе да не ме сакаат во клубот не само сега, туку и минатата сезона“, вели Роналдо во интервјуто со новинарот Пирс Морган, кое ќе биде објавено во „Сан“.

Фудбалерот во интервјуто потврди дека не е во добри односи со менаџерот на Јунајтед, Ерик тен Хаг.

„Не го почитувам затоа што тој не ме почитува мене. Ако не ме почитувате, јас никогаш нема да ве почитувам вас“, вели Роналдо.

Но, Португалецот не зборуваше во интервјуто само за Тен Хаг, туку и за тренерите од минатата сезона, Ралф Рангник и Оле-Гунар Солскјаер.
„Ако не си тренер, како ќе бидеш шеф на Манчестер јунајтед? Никогаш не сум ни слушнал за Рангник“.

Роналдо смета дека Манчестер јунајтед не напредувал по заминувањето на легендарниот менаџер сер Алекс Фергусон.

„Напредокот на Јунајтед е еднаков на нула. Клубот воопшто не еволуира, ништо не се промени по заминувањето на Фергусон“, зборува Португалецот, кој не го поштеди ниту поранешниот соиграч Вејн Руни.

„Не знам зошто толку жестоко ме критикува. Веројатно затоа што ја заврши кариерата, а јас сè уште играм на високо ниво. Нема да кажам дека изгледам подобро од него. Што е вистина…”.

Фудбалерот смета дека Манчестер јунајтед е далеку зад Манчестер сити, Арсенал и Ливерпул.

„Мислам дека навивачите треба да ја знаат вистината. Му посакувам се најдобро на клубот и поради тоа се вратив во Јунајтед. Но, има некои работи кои не ви помагаат да стигнете до највисоко ниво на кое се Сити, Ливерпул, Арсенал. Клуб како Јунајтед треба да биде на врвот, но, за жал, не е“, истакна Роналдо.

- Оглас -

Најнови вести