Елена Рибакина од Казахстан е победничка во женска конкуренција на Отвореното првенство на Австралија во тенис. Таа во финалето ја победи првата носителка Арина Сабаленка, со 6-4, 4-6, 6-4.
Сабаленка го освои АО во 2023 и 2024, а ги загуби финалињата минатата и оваа година. Белорусинката лани играше три финалиња на гренслемите, но доби само едно и таа црна серија продолжува.
Рибакина до денеска имаше една гренслем титула освоена на Вимблдон во 2022, а таа загуби од Сабаленка во 2023 во финалето на Австралијан опен, па три години подоцна дочека реванш.
Двете тенисерки до финалето стигнаа без загубен сет, а денеска двете загубија сет(ови), но тоа нема да ја боли победничката. Во решавачкиот трети сет, Сабаленка поведе со 3-0, но моментумот одеднаш се сврте на страната на Рибакина која ги доби наредните пет гејма за водство од 5-3.
Рибакина последниот поен го доби со ас, потврдувајќи дека има најдобар сервис во женскиот тенис, откако во 2025 беше тенисерка со најмногу асови, а имаше најмногу асови и на годинешниот АО.
Денеска во Мелбурн има дожд, целосна спротивност на оној пекол вчера, па и женското финале мораше да се игра со затворен покрив во „Род Лејвер арената“. Резултатот во меѓусебните дуели сега е 8-7 за Сабаленка.

