Генералниот секретар на Црвена ѕвезда, Звездан Терзиќ, по повод хуманитарниот натпревар против Вардар на 16 април во Скопје, од кои приходите ќе бидат наменети за семејствата на загинатите во Кочани, објави соопштение до медиумите.
Пожарот кој ноќта помеѓу саботата и неделата ја зафати дискотеката „Пулс“ и однесе 59 животи предизвика тага не само во Македонија.
„Сите во Црвена ѕвезда беа длабоко потресени од трагедијата што се случи во Кочани, Македонија. Веднаш контактиравме со нашите играчки легенди од Скопје, Дарко Панчев и Илија Најдоски, и со нивна помош стапивме во контакт со управата на Вардар и се договоривме да одиграме хуманитарен натпревар во Скопје на 16 април.
Тоа е најмалку што може Црвена ѕвезда да направи за својата братска Македонија во ова тешко време. Изразуваме искрено сочувство до сите семејства на жртвите, како и до сите граѓани на Македонија, со надеж дека овој гест ќе покаже колку нè погоди оваа трагедија и дека сме обединети во тагата со семејствата на жртвите“, се вели во соопштението на Терзиќ.