Ѕвездата на Барселона, Роберт Левандовски, имаше неколку тешки денови. По скандалот со селекторот на полската репрезентација, Михајл Пробијеж, и одземањето на капитенската лента, 36-годишниот фудбалер се врати во татковината за да се појави на суд.
Тој мора да присуствува на судење во Варшава. Спорот се однесува на односите со неговиот поранешен бизнис-партнер и агент Чезаре Кухарски и продажбата на акциите од компанијата „РЛ менаџмент“.
Кухарски очекувал да добие значителна провизија за продажбата на своите акции, додека Левандовски го обвинува за уцена. Некои од доказите вклучуваат повеќе од тричасовни снимки од нивен разговор, во кој Кухарски го обвинува Левандовски за финансиски измами, а Левандовски пак сугерира дека Кухарски е вмешан во перење пари. Сопругата на Левандовски, Ана, исто така ќе треба да сведочи.
Претходно оваа недела, тренерот Михајл Пробијеж му ја одзеде на Левандовски капитенската лента во репрезентацијата на Полска, тврдејќи дека одлуката е поддржана од тимот и од стручниот штаб, кои сметаат дека 36-годишниот има негативно влијание во соблекувалната.
Од друга страна, Полската фудбалска федерација се дистанцираше од оваа одлука, тврдејќи дека ја донел лично Пробијеж.