ТФТ ја прегази Сутјеска и ќе игра финале во АБА 2 лигата

Кошаркарите на ТФТ ја победија Сутјеска со убедливи 90-77 во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје и обезбедија историски резултат, пласман во финалето на АБА 2 лигата, каде што ќе се сретне со Широки Брег. Победникот ќе избори пласман во АБА-лигата.

Македонскиот состав по триумфот на првиот меч на гости, максимално мотивирано влезе во овој втор натпревар во Скопје и првата четвртина ја доби со 29-14. На полувреме имаше 16 поени разлика, а двоцифрената предност ја одржуваше во текот на целиот дуел.

Во еден момент предноста достигна и +23 поени, а потоа Сутјеска направи серија од 10-0, но, за среќа на ТФТ, и немаше доволно сили да продолжи во ист стил до крајот.

ТФТ имаше неколку навистина расположени поединци. Стенли Дејвис јуниор постигна 23 поени, Виктор Ташовски уфрли 19, а ефикасни беа и Гордон Виндел (17) и Ентони Говенс (17).

Кај Сутјеска најефикасен беше Кристофер Мартин со 22 поени.

- Оглас -

Најнови вести