Лионел Меси обвинет за фудбалска измама

Лионел Меси се најде во фокусот на сериозен скандал, откако промоторската компанија „Вид“ од Мајами поднесе тужба против него и Аргентинската фудбалска асоцијација, обвинувајќи ги за значителна финансиска загуба поради неговото отсуство од договорен пријателски натпревар.

Според наводите, станува збор за договор вреден 7 милиони долари, кој опфаќал ексклузивни права за две пријателски средби одиграни во октомври минатата година – против Венецуела и Порторико. Во договорот било наведено дека Меси треба да настапи најмалку 30 минути на секој натпревар, освен ако не е повреден.

Проблемот настанал кога аргентинската ѕвезда не се појавила на теренот против Венецуела на стадионот „Хард Рок“, туку го следела натпреварот од трибините. Дополнителен сомнеж кај организаторот предизвикал фактот што веќе следниот ден Меси настапил за Интер Мајами, што според нив значи дека немало оправдана причина за неговото отсуство.

Од компанијата истакнуваат и дека претрпеле дополнителна штета поголема од еден милион долари поради преместување на еден од натпреварите од Чикаго во Форт Лодердејл, што негативно се одразило врз продажбата на билети и целокупната организација.

„Вид“ дополнително тврди дека им било ветено обештетување преку идни натпревари, вклучувајќи и можен дуел во Кина во 2026 година, но тоа никогаш не било реализирано.

Овој случај следува по уште еден правен спор поврзан со Меси, кога неодамна беше постигната спогодба во колективна тужба во Канада, поради наводно доведување во заблуда на навивачите во врска со негов настап за Интер Мајами.

- Оглас -

Најнови вести